Зошто ни е потребно бришење на податоци од електронските уреди?
Во денешната ера на дигитална технологија, секој од нас има барем по еден мобилен телефон и компјутер каде што се зачувани нашите лични податоци, фотографии, финансиски информации, доверливи документи, лозинки и слично. Дали сте се запрашале што се случува со информациите на овие уреди кога ќе решите да ги продадете или донирате?
Во вакви ситуации, најчесто се одлучуваме да ги форматираме или едноставно да ги избришеме информациите од компјутерот или од мобилниот телефон. За жал, ова не е доволно и сите тие информации можат многу лесно да се вратат назад и да се злоупотребат.
Доколку податоците не се темелно исчистени од хард дискот/мобилниот телефон, преостанатите податоци познати како Data Remanence, продолжуваат да постојат и можат лесно да се вратат назад. Само поради тоа што не можеме да ги видиме, не значи дека повеќе не се таму. Поради тоа, употреба на посебен софтвер кој врши комплетно и неповратно бришење на податоците пред отстранување или повторна употреба на уредите е клучно за заштита на податоците.
Монодата нуди трајно и безбедно уништување на податоци од сите електронски уреди вклучувајќи хард дискови (HDD и SSD), сервери, мобилни телефони и УСБ мемориски уреди со примена на високо сертифициран софтвер развиен во САД, користен од страна на голем број Американски државни институции и меѓународни компании. За секој избришан уред се издава сертификат како доказ дека информациите се навистина засекогаш избришани.
За бришење на податоците се применува напреден софтверски алгоритам при што постоечките податоци на мемориските уреди се заменуваат со нови податоци т.е. сите сектори на уредот се препишуваат со единици и нули, користејќи неколку различни препишувачки шеми (overwriting patterns). Со неповратно бришење на податоците се елиминира ризикот овие податоци да бидат вратени, дури и со форензичка процедура.
Во текстот подолу објаснуваме зошто неповратно софтверско бришење на податоците е неопходно за безбедноста на Вашите податоци.
1. Затоа што форматирање на хард диск и стандардно бришење на податоци не е безбедно
Податоците кои што се отстранети со стандардно бришење или форматирање на Вашиот хард диск најчесто лесно може да се вратат назад, дури и со лесно достапен бесплатен софтвер.
Кога ќе избришете датотека (file), Вашиот оперативен систем не ја уништува содржината на датотеката, туку го означува просторот како слободен, давајќи команда дека може да се презапише друга датотека на истото место. Стандардното бришење на податоци ја отстранува само патеката до одредена датотека, додека содржината целосно останува на вашиот хард диск. Доверливите информации кои што сте сакале да ги избришете, лесно може да се вратат назад со широко достапни алатки за враќање на податоци.
Поради тоа, постои ризик Вашите вредни бизнис информации како бизнис планови и финансиски информации, а воедно и Вашите лични информации, како што се e-mail пораките и фотографиите, да стигнат до погрешни личности и да бидат објавени. Секој кој што има намера да пристапи до Вашите информации ќе може да ја види листата на сајтови што сте ги посетиле на интернет, лозинки од Вашите профили на социјалните мрежи или апликациите што ги имате користено на вашиот компјутер.
2. Затоа што механичкото уништување на уредите исто така не е безбедно
Механичкото уништување (сецкање) на хард дисковите не е ефикасно за поновите технологии како SSD бидејќи одредени податоци може да се вратат доколку остане неоштетен и најмал дел од дискот.
Degaussing (процес на елиминирање на магнетното поле) исто така не е ефективен метод за уништување на SSD бидејќи тие не работат на принцип на магнетен запис.
Од друга страна, со примена на софтверско уништување на податоците сосема е безбедно уредите да се донираат, да се продадат или да се пренаменат.
3. Да ги заштитите податоците за да не паднат во погрешни раце кога го продавате/ донирате/пренаменувате Вашиот компјутер или мобилен телефон
Честа закана за личните податоци се појавува кога компјутерите и мобилните телефони ги менуваат сопствениците без да се изврши правилно отстранување на оригиналните податоци од хард дисковите.
Во компаниите, често се случува уредите да преминат од безбедна околина како што е Вашата канцеларија во складишта без соодветни безбедносни мерки. Или уште полошо, уредите се испратени на рециклирање или се донираат без претходно бришење на податоците.
Неовластен проток на информации (познат како data breach) може да биде многу скапо за секој бизнис. Доколку имате, на пример, адвокатска канцеларија некој од вашите вработени може го украде стариот компјутерски диск кој содржи листа на клиенти и документи од клиенти кои сте ги застапувале на суд. Ако тој го продаде хард дискот, оваа листа може да се објави и да Ви причини штета Вам и на Вашите клиенти. Затоа е исклучително важно целосно и сигурно да ги избришете сите мемориски уреди (хард дискови, usb флеш меморија, мобилни телефони), дури и ако веќе не ги користите.
Секоја компанија има “тајно оружје” за успех во бизнисот. Ова може да биде единствено позиционирање на пазарот, однос со добавувачи, логистика, стратешко планирање, развивање успешни односи со клиентите и сл. Кое и да е Вашето “тајно оружје”, сигурни сме дека не би сакале да го споделите со конкурентите.
Исто така, најчесто се случува, физичките лица едноставно го форматираат својот мобилен телефон или компјутер пред да го продадат. На тој начин информациите како контакти, фотографии, пораки или е-mail стануваат лесно достапни за секој кој што има пристап до Вашите мемориски уреди.
4. За да се заштитите од кражба на идентитет и да спречите кражба на информации
Во последно време се почесто слушаме за украден идентитет или злоупотребени лозинки. Лесен начин да се украде нечиј идентитет е стекнување со матичниот број на жртвата (или број на лична карта/пасош). Со тоа на крадецот му се овозможува пристап до важни информации како што се банкарски сметки и здравствени извештаи.
На пример, ако вашиот лап топ или мобилен телефон се расипе го испраќате на сервис за поправка или назад кај продавачот. Пред да го направите тоа, бидете сигурни дека Вашите податоци се целосно избришани од уредот. Во спротивно, ако едноставно го форматирате компјутерот и инсталирате нов оперативен систем, секој со минимално компјутерско знаење ќе може лесно да ги врати сите Ваши податоци.
- Published in Заштита на лични податоци